За Нас

Здружение РАДИКА-ДЕ Дебар

Нашата организација е посветена на зајакнување на социо-економската положба на жените и младите во Дебар и руралните средини на општините Дебар и Маврово Ростуше. Ние работиме со страст и посветеност за да креираме можности кои водат кон подобар живот, економска независност и одржлив развој. Со нашите активности ги охрабруваме жените да станат идни претприемачки, поттикнувајќи ги да ги искористат своите вештини и таленти.

Здружението Радика-ДЕ има актуелна теренска мрежа со формализирани 7 Локални женски кружоци од рурални средини на општина Дебар, Маврово Ростуше и Центар Жупа и еден формален автономен Огранок во Центар Жупа. 

Мисија

Да ја подобриме социо-економската положба на жените и младите, нивната вклученост во процесите на креирање локални политики, како и да овозможиме намалување на сиромаштијата преку економски и рурален развој.

Визија

Економски независни жени – идни претприемачки, кои креираат бренд производи и ги зајакнуваат сопствените капацитети преку обуки за ракотворење, производство на здрава и традиционална храна, и промоција на своите производи.

Главнa цел на организацијата

  • Зголемување на економската активност на жените, особено оние кои се економски неактивни.
  • Поттикнување на жените да преземат иницијатива за создавање дополнителни приходи за себе и своите семејства.
  • Поддршка за економски и рурален развој преку одржливи модели и активности.

Наши активности

  1. Мобилизација и едукација: Организираме теренски активности за мобилизација на поголеми групи жени, преку кои ги едуцираме за нивната вклученост во локалните и националните процеси, како и застапувачки акции поврзани со прашањата кои ги засегаат.
  2. Обуки за ракотворење и креирање бренд производи: Жените се обучуваат од страна на експерти за усовршување на своите ракотворечки вештини. Овие обуки не само што ги поттикнуваат да создадат уникатни бренд производи, туку нудат и насоки за нивниот пласман на пазарот.
  3. Едукација за здрава и безбедна храна: Работиме со жени од руралните средини, едуцирајќи ги за правилното искористување на природните ресурси и подготовка на здрава, природна и безбедна храна.
  4. Маркетинг и онлајн продажба: Преку обуки за маркетинг, промоција и онлајн продажба, жените учат како да ги промовираат своите производи на дигитални платформи и да ги зголемат своите приходи.
  5. Настани за вмрежување и размена на искуства: Организираме настани за споделување позитивни практики и можности за соработка со сродни организации.
  6. Учество на саеми и манифестации: Ги поддржуваме жените да учествуваат на саеми и манифестации, каде имаат можност да ги претстават и продадат своите производи, истовремено промовирајќи го нивниот труд.

Преземете

Scroll to Top