Во Центар Жупа се одржа значајна јавна дебата на тема „Како се справуваме со предизвикот – Нега на стари лица и лица со попреченост,“ што собра претставници од општината, невладини организации, институции, и локални жители, вклучително и целните групи на проектот „Помош и нега во домот на стари лица и лица со посебни потреби.“ Оваа дебата беше можност за сите учесници да ги споделат своите искуства и да ја оценат важноста на активностите спроведени преку проектот.
Со оглед на уникатната ситуација во регионот, обележана со масовно иселување, сите учесници едногласно ја потврдија важноста на овој проект. Беше истакнато дека неговата одржливост е од суштинско значење за обезбедување квалитетен живот за старите лица и лицата со попреченост кои живеат во Центар Жупа.
На дебатата беа презентирани клучни наоди и препораки кои произлегоа од мониторингот, со акцент на потребата од засилена соработка меѓу локалните власти, граѓанскиот сектор и локалната заедница. Учесниците го истакнаа заедничкиот ангажман и желба да го поддржат овој проект на долг рок, за да се создаде поддржувачка средина која ќе го подигне квалитетот на живот на најранливите во заедницата.
Оваа активност, спроведена во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија и имплементирана од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), е уште еден чекор кон подобрување на условите за живот и јакнење на заедницата во Центар Жупа.







