Вмрежување и зајакнување на економските можности на жените од различни региони

На 12 ноември 2023 година, во прекрасниот амбиент на Дебарските бањи Цапа, се одржа настан посветен на вмрежување и зајакнување на економските можности на жените од различни региони. Овој настан, организиран како дел од програмата на „Акција Здруженска“ и поддржан од „Квина Тилл Квина“, обедини активни жени од Радовиш, Дебар, Центар Жупа и Конче, кои споделија свои успешни приказни, искуства и визии за идната соработка. Настанот беше и повод за официјализирање на ова партнерство со потпишување на меморандум за соработка.

Штандовите беа преполни со рачно изработени производи – од плетени и везени украси, накит и органска храна до вкусни слатки, џемови и други локални специјалитети. Овие производи, покрај тоа што го отсликуваат трудот и креативноста на жените од руралните средини, претставуваат важен чекор кон нивното економско осамостојување.

Вмрежувањето на овој настан не беше само заедничко изложување, туку и можност за размена на идеи и градење на нови мостови на поддршка и развој. Соработката меѓу жените и организациите, кои го препознаваат нивниот потенцијал е клучно за граѓанското општество, а овој настан е доказ дека заедничките напори можат да донесат одржливи промени и значајно зајакнување на улогата на жените во заедницата

Scroll to Top